По повод 14-ти Ноември, светскиот ден на дијабетесот, во чест на 5000 деца и возрасни во Република Македонија кои живеат со дијабетс Тип 1, Бојан Киров планира 5 искачувања на планината Водно (1060 метри) во текот на 1 ден при што секој 1 метар искачување симболично ќе биде посветен за секој пациент со Т1. За реализацијата на овој проект Бојан, кој воедно ја има состојбата на Т1 повеќе од 40 години, состави тим од пријатели кои ќе му овозможат поддршка во реализацијата, најмногу на самиот ден, но и деновите претходно.
На наше големо задоволство, но воедно и одговорност, Бојан не покани во тимот кој ќе треба да му даде поддршка во реализација на овој подвиг. Причините поради кои се одлучи за наше вклучување во тимот е стручноста која низ годините ја потврдивме со учество на голем број настани посветени во областа на аплската медицина, секојдневната клиничка пракса со дијабетесот, метаболните и васкуларни состојби, но и доброто познавње на планинарските прилики кои несомнено го модерираат овој несекојдневен настан.
Во изминатите 30 дена имавме циклус на подготовка во кој пробавме да направиме проценка на гликемиската регулација во услови на зголемен физички напор и да направиме т.н. безбедна гликемиска зона во која Бојан ќе може да функционира оптимално, избегнувајќи ги оние вредности на гликемија кои ќе бидат блиску до хипоглимиската и хипергликемиска состојба. Паралено со тоа се прави проценка за влијанието на хидратацијата врз гликемиските вредности, избегнувајќи ја зоната на кетоацидоза и она што беше најкомплексно, употребата на брзиот инсулин Апидра во ситуација кога мора да се направи зголемен внес на храна со инсулинска терапија, во услови на континуиран физички напор.
Со еден збор, со Бојан како тим , секојдневно правиме анализи на гликемијата во мирување и при физичка активност, како би се доближиле до одлична оптимизација на инсулинската терапија.
Она што мора да се потенцира во целата оваа фаза на подготовка е фактот дека еден од клучните фактори за добра гликорегуација е одличното познавање на Бојан за дејството на инсулините кои ги користи во терапија (Апидра и Лантус) во временска смисла и како тие делува кога се земаат различни видови на јагленихидрати. Би рекол дека тука Бојан се снаоѓа до перфекција со што ни ја олеснува работата и ни дава верба дека она што тој го планира како цел е реално остварливо.
Исечоци од тренинг сесиите
Скакалички врв 01. 11. 2020
Првиот посериозен тренинг ни беше на Шара, Скакалички врв и искачување во вкупна нагорна (искачувачка) денивелација од 1300 м. во должина од безмалку 9 км. Имајќи предвид дека истата должина и денивелација треба да ја спуштиме, наша проценка беше дека оваа активност би одговарала на околу 3 искачувања на врвот Водно. Да напоменеме дека вкупната (реална) нагорна денивелација за подвигот на Бојан (наспроти симболичната 5000м) изнесува 3500 мнв. Утрото не ни започна пожелно имајќи предвид дека Бојан се разбуди со гликемија 14,3 ммол/Л. Додавајќи 2 и.е. Апидра веднаш по будењето и уште 2 на самиот старт од турата (со вредности на гликемија 11,7 ммол/л) јасно беше дека не чека будна работа и активно пратење на гликемијата во секој нареден час. Свесни дека хипергликемијата несомнено ќе влијае на осмоларноста, при самото наше сретнување се договоривме дека до самиот старт на турата (1,5 часа пред почетокот) и во текот на истата, ќе мора да почнеме и одржуваме интензивна хидратација која ќе ја олесни гликорегулацијата. Тоа и се случуваше во текот на наредните саати. Веќе на само 1 час активно искачување гликемијата падна на вредност од 3,2 ммол/Л. И покрај тоа што оваа вредност влегува во црвената зона на хипогликемија, Бојан добро ја поднесува и со внес на брзо и споро делувачки ЈХ веќе во наредниот час гликемијата влезе во очекуваната вредност од 5,0 ммо/Л. Од овој момент па се до качувањето на врвот гликемискиот распон беше помеѓу 4,4-7,4 ммол/Л (мерено на секој час), без внес на Апидра, потпирајќи се на базалното дејство на Лантусот, внесен вечерта пред искачувањето. Слични гликемиски вредности беа измерени и во текот на спуштањето се до појдовната позиција кога Бојан веќе беше навистина гладен (но не и заморен) со вредност на гликемија од 3 ммол/Л. Со внесот на сендвич кој имаше калкулирани 36 ЈХ единици, се до дома (19..00 часот, измерена гликемија 7,8ммол/Л), Бојан успеа да одржи средна гликемиска вредност од 5,5 ммол/Л без дополнителен внес на брзоделувачки инсулин. Ако на тоа се надоврзе гликемијата од 8 ммол/Л пред вечера (оброкот од печен компир со печено пиле покриени со 7 и.е апидра), гликемијата од 7,8 ммол/Л 2 часа после оброкот, гликемијата во текот на ноќта со вредност од 5,4 ммол/Л (покриена со една банана) и утринската вредност (наредното утро после третингот) 4 ммол/Л можеше да се заклучи дека дента кога се реализираше турата гликорегулацијата беше задоволителна, најнмногу поради фактот дека Бојан се движеше комотно без осцилации во кондицијата и чувтсво на изразен замор. Во текот на сите 8 часа активност (качени и спуштени 2600 мнв) имавме континуиран внес на ЈХ (долго и кратко делувачи), јаткасти плодови, вода и чај кои ја пратеа гликемиската состојба.
Сепак она кон што се насочивме наредните 7 дена беше корекција на влезната гликемија преку инсулинската регулација и намалување на базалните вредности на инсулин во услови на активен физички напор и неколку дена пред активноста. Со тоа ќе се овозможи повисоки влезни вредности на гликемијата околу 8 ммол/Л што претставува препорака за Т1 во услови на интензивен физички напор.
Извештајот го подготвил
д-р. Александар Манолев
Специјалист интернист,
ПЗУ Поликлиника Манолеви-Скопје