Варичела или овчи сипаници е една од најчестите детски болести. Се работи за доста заразна детска болест предизвикана од варичела зостер вирусот од фамилијата на Херпес вируси. Најголемиот број деца ја прележуваат без компликации. Најголемата инциденција е во периодот од втората до шестата година од животот. Може да ја прележат и новородени и возрасни лица кои како деца не ја прележале болеста. Клиничката слика кај возрасните индивидуи е тешка и кај нив се многу почести компликациите од болеста (пневмонија, енцефалитис, миокардитис и други). Поради тоа, варичелата се смета за болест на детската возраст и пожелно е секое дете да ја прележи истата во текот на детскиот период.
Бидејќи се работи за доста заразно заболување, често се јавува и во помали епидемии, во градинки, јасли и училишта. Епидемиите настануваат периодично, во поголема група на деца кои немаат имунитет против варичела, поточно деца кои не прележале варичела. Болеста се шири по капков пат (кивање, кашлање), преку воздух и преку кожата на заболен од варичела. Болеста може да ја шират и лица кои биле во контакт со заболени во тек на 15 минути по контактот преку кожата. Инкубациониот период е од 10 до 20 дена, најчесто 15 дена. Заболените од варичела се заразни еден до два дена пред појава на осипот како и во тек на осипот додека не дојде до појава на красти и комплетно сушење на промените на кожата, што обично трае од 6 до 10 дена по избивањето на осипот.
Една од карактеристиките на вирусот е дека од кожните промени преку сензорните влакна, вирусот може да стигне во нервните ганглии и таму да остане во мирување во тек на целиот живот. Најчесто се наоѓа во нервните ганглии локализирани по должината на торакалниот и лумбалниот предел. Во одредени состојби на намален имунитет од различна причина, може да дојде до повторна активација на вирусот при што болеста се вика херпес зостер. Херпес зостер промените се почести кај возрасните индивидуи, а многу ретко се јавуваат во детската возраст.
Клиничка слика
Клиничката слика на болеста е карактеристична. Се карактеризира со појава на типичен варичелиформен осип. Осипот најпрво избива на трупот, а потоа истиот се шири и на вратот, лицето и космастиот дел на главата. Осипот на крај се појавува на рацете и нозете и е многу помалку изразен во однос на трупот, лицето и главата.
Кај помалите деца, особено кај доенчињата, најчест знак е осипот, додека кај поголемите деца, на осипот може да му претходат покачена телесна температура, главоболка, замор, малаксаност, намален апетит и болки во телото, зглобови и мускули. Овие симптоми се јавуваат непосредно пред појава на осипот и истите се губат кога ќе престане избивањето на осипот.
Осипот е многу карактеристичен со појави на везикули кои се полни со бистра течност и црвенило околу везикулата. Избивањето е 3 до 5 дена, се одвива на периоди, поради што, на телото може да се видат промени од различни фази, од ситни папули, макули, везикули полни со течност до крусти. Потребни се 2 до 3 дена една макула да премине во круста. Осипот може да е благ со неколку везикули, но може и да е многу изразен и да ја покрива целата кожа. Може и немора да се јави чешање. Чешањето може да е благо но и многу изразено кај некои деца што дополнително бара вклучување на одредена терапија во лекувањето. Може да се појават и везикули во усната шуплина, во коњуктивата на очите и во гениталните регии. Истите се многу непријатни и предизвикуваат нелагодност и болка кај децата. Во такви случаи потребно е во терапијата да се вклучат аналгетици, антихистаминици доколку постои изразено чешање како и лекови за смирување на локалните промени. Во тие случаи неопходна е консултација со педијатар.
Дијагноза
Дијагнозата на варичелата се поставува врз основа на карактеристичниот осип: брз развој на макулите до красти, избивање на осип во интервали и карактеристична дистрибуција на осипот и појава на осип во космастиот дел од главата. Лабораториска потврда речиси и не е потребна во најголемиот број од случаи. Лабораториска анализа и потврда на болеста е потребна само во случаи каде осипот и дистрибуцијата на промените не е карактеристична, а е важно да се потврди или исклучи присуството на вирусот во телото.
Совети за хигиена и третман на промените
Кај здрави деца текот на болеста е лесен и не треба никакво лечење. Сепак потребно е да се знаат некои важни совети кои се однесуваат на хигиената на телото во тек на осипот.
- Локално во тек на осипот потребна е употреба на пудра која ќе го намали чешањето и ќе овозможи ладење на телото и побрзо заздравување на раните.
- Доколку чешањето е многу изразено во случаи на поинтензивен осип, може да се употребат системски антихистаминици. Нивната употреба е со цел да се намали осипот, чешањето и пликовите. Системските антихистаминици може да се користат само по индикација и консултација со педијатарот на детето. Локални антихистамински креми и лосиони не треба да се користат.
- Во случај на поголема иритација и црвенило, може да се употребат облоги од ладна вода или облоги од благ раствор од хиперманган.
- Децата треба да носат мека, лесна и памучна облека и истата треба да се менува секојдневно по неколку пати. Пожелно е и почесто менување на постелнината. Децата не треба да се премногу облечени и не треба да се препотуваат ниту да се ставаат во многу топли простории.
- Децата може да се бањаат и тоа е пожелно да се прави што почесто за да се намали чешањето и да се спречи појава на секундарна бактериска инфекција на локалните промени. Потребно е редовно кратење на ноктите за да се намали чешањето и да се спречи ширењето на инфекција. Кај бебињата и доенчињата е пожелна употреба на ракавички, а кај поголемите деца редовно одржување хигиена на рацете.
- Бањањето е пожелно да се прави со благ раствор од хиперманган кој е познат како средство за дезинфекција. Може да се употребат и детски pH неутрални купки наменети за бебешка кожа или за осетлива кожа.
- Бањањето треба да е брзо и краткотрајно за да не се влажат долго промените, се со цел да се овозможи нивно побрзо заздравување. После бањањето, детето треба да се избрише лесно, без триење, со фротирна крпа која само ќе се допира до телото и лесно ќе ја впие водата од телото.
- Доколку и покрај тоа настане секундарна бактериска инфекција потребна е консултација со педијатар. Во такви случаи може да се препише локална антибиотска маст за кожа која не содржи кортикостероиди.
- Варичела зостер вирусот го намалува имунитетот на детето, поради тоа детето е потребно да мирува и да се лекува во домашни услови со многу здрава храна. Потребен е зголемен внес на минерали, витамини и протеини преку исхрана (овошје, зеленчук, салати, супи, течности).
Превенција
Превенција од варичела за здрави деца не е потребна. Со оглед на тежината со која ја прележуваат возрасните лица, пожелно е секое дете да ја прележи варичелата во рана детска возраст. Сепак, деца кои се со хронични болести и кои се на терапија со кортикостероиди или цитостатици потребно да се изолираат од деца кои боледуваат или биле во контакт со други заболени деца. Изолација е потребна и на новородени кои исто така може да ја прележат болеста потешко од другите деца. Најмалку 2 месеци после прележана варичела, потребно е одложување на вакцинација по календар.
М-р Д-р Елена Манолева Николовска
Специјалист педијатар
Тагови и клучни зборови: варичела, овча, овчи, сипаници, сипаници, херпес зостер, вирус, варичела зостер, детски болести, осип на кожата, педијатриско здравје, заразни болести, управување со вируси, здравствена хигиена, педијатриска нега