Предизвикувач и ризични групи
Mали сипаници-морбили се високо заразно инфективно заболување предизвикано од вирусот на Морбили. Се работи за РНК вирус од фамилијата на Paramyxoviridae. Важи за високо заразен, инфективен вирус бидејќи брзо и лесно се пренесува со кивање и кашлање при близок контакт со болен или директен контакт со секрети од заразни луѓе. Може да преживее и до два часа во воздухот или на предмети контаминирани со секрети со кои заболениот имал контакт. Вирусот е толку заразен, што од еден заболен, може да се заразат 90% од луѓето кои ќе бидат во контакт со него, а не се заштитени со имунизација или не ја прележале болеста. Поточно, девет од десет луѓе кои не се имуни, а се во контакт со заболен од морбили, ќе се заболат и самите. Опстојувањето и циркулацијата на вирусот во средината во која се jавува зависи од бројот на неотпорни луѓе во средината. Во средини каде вирусот неможе да се шири и во средини каде има луѓе кои се отпорни на вирусот, поради непостоење на домаќини во кои може да се развива вирусот, болеста исчезнува. Единствениот домаќин е човекот и до сега е познато дека вирусот неможе да зарази животни.
Ризични групи за заболување се деца и возрасни и тоа:
- новородени деца и деца до 12 месеци, родени од мајки кои не се имунизирани или не ја прележале болеста, имаат ризик за заболување во тек на целата прва година т.е до моментот на имунизација, пред се поради непостоење на пасивен имунитет од мајката (антитела пренесени од мајката);
- деца на возраст од 6 до 12 месеци, од мајки кои се редовни имунизирани или ја прележале болеста, во периодот кога се губи пасивниот имунитет (антитела пренесени од мајката, кои се губат во период помеѓу 6-тиот и 9-тиот месец) до моментот на редовна имунизација на 12 месеци;
- неимунизирани деца и возрасни;
- деца и возрасни со некомплетна имунизација по календар;
- вакцинирани лица со пореметен имунитет од различни фактори. Ризик фактори кај овие лица се имунодефициенција поради трансплантација на орган или на коскена срцевина, терапија со кортикостероиди, хемотерапија, радиотерапија или други терапии кои предизикуваат намалување на имунитетот како и заболени со ХИВ или СИДА.
Клиничка слика и компликации на болеста
Инкубациониот период за појава на симптомите на морбили траат 10-14 дена после контакт со заболен. Болните со морбили се заразни четири дена пред појава на симптомите и четири дена по појава на првите симптоми. Симптомите на болеста траат околу 7-10 дена. Болеста започнува со појава на покачена телесна температура која се качува до 40 и над 40 степени, главоболка, треска, секрет од нос, очи и црвенило во очи. Првичните симптоми може да траат од три до седум дена пред да се појави осипот. Два до три дена по појава на првите симптоми, во устата, на букалната слузокожа, може да се забележат т.н. Копликови дамки кои доколку се забележат, се битни за препознавање на болеста или поставување на сомнение за болест. Тоа е особено важно за да се спречи евентуално ширење на заразата во околината. Неколку дена по појава на овие симптоми се јавува карактеристичен морбилиформен осип, со кој се поставува дијагнозата на заболувањето. Се работи за црвен макулопапуларен осип кој прво почнува во пределот позади ушите, веднаш се шири на главата и вратот по што продолжува да се шири по целото тело. Пропратен е со чешање. Обично трае до осум дена по што почнува да се повлекува. Карактеристика на осипот е промена на бојата при негово повлекување, од црвена до темно кафена боја до комплетно исчезнување. Комплетно повлекување на морбилите настанува после 2 до 3 недели од појава на првите симптоми.
Компликациите од болеста се релативно чести. Поголема можност за компликации имаат доенчињата и деца под 5 годишна возраст, возрасни над 20 години, бремени жени, луѓе со намален имунитет пред се поради малигни заболувања, ХИВ инфекција, трансплантација како и потхранети деца и возрасни. Во високо развиените земји, стапката на смртност од морбили изнесува еден до два случаи на 1000 заболени лица (0,1-0,2%). Ризикот за смрт е најчест кај заразените деца помали од 5 години. Во земји во развој, како и во неразвиени земји во кои има висок степен на сиромаштија, гладување и неразвиен здравствен систем, стапката на смртност е 10%, а во случај на компликации и кај лица со слаб имун систем, во тие земји стапката на смртност е и до 20-30%.
Компликациите може да бидат лесни и тешки компликации.
Во лесни компликации се смета појава на дијареја (која се јавува во 8% од заболените случаи).
Во тешки компликации се вбројуваат следниве состојби:
- пневмонија или бронхитис (кај 6% од заболените) кои може да бидат предизвикани или од самиот вирус или да се појават како резултат на секундарна бактериска инфекција;
- воспаление на средното уво (отитис, кај 7% од заболените случаи) кое може да заврши и со сензо-неврално губење на слухот;
- воспаление на рожницата, кое може да предизвика слепило;
- конвулзии поради висока температура од 40 и над 40 степени;
- акутно воспаление на мозокот- еден од 1000 заболени може да развие акутен енцефалитис кое најчесто завршува со трајно оштетување на мозокот. Стапката на смртност во случај на воспаление на мозокот кај морбилите изнесува 15%.
- едно до две од 1000 заболени деца од морбили, умираат од респираторни или невролошки компликации.
- во многу ретки случаи, кај 1 од 10000 до 1 на 300000 заболени случаи, може да дојде до појава на субакутен склерозирачки паненцефалитис, кој во најголемиот број на случаи завршува со смртен исход.
По прележување, морбилите го намалуваат имуниот систем и тоа во период од неколку недели до неколку месеци по прележувањето. Поради тоа, во период по прележување на болеста се можни почести супер инфекции како што се воспаление на ушите и бактериски пневмонии.
Дијагноза
Дијагнозата на болеста се поставува врз основа на клиничката слика на болеста, симптомите на болеста и карактеристичниот осип по телото и неговата дистрибуција. Дефинитивна дијагноза се поставува лабораториски. Во сите случаи за кои се поставува сомнеж за морбили, лабораториска потврда на болеста е задолжителна и потребна да се направи.
Третман
Третманот на болеста е неспецифичен и се состои од ублажување на симптомите на болеста како и лекување на компликациите и секундарните инфекции кои може да се појават. Потребни се антипиретици и аналгетици за ублажување на болките и намалување на телесната температура (парацетамол, ибупрофен), добра хидрација на организмот и внес на голема количина на течности како и здрава храна. Компликациите на болеста како што се пневмонија, бронхитис, воспаление на ушите, рожницата или мозокот, се третираат со антибиотска терапија доколку се предизвикани секундарно од бактериска супер инфекција.
Превенција
Ефективна превенција од вирусот на Морбили е вакцинација против вирусот на Морбили. Првите вакцини против вирусот биле преставени во 1963 година, а подобрени вакцини биле имплементирани од 1968 година. За да се постигне колективен имунитет, потребно е повеќе од 95% од луѓето да бидат вакцинирани од морбили за да се спречи пренесување на ова високо заразно заболување од човек на човек. Во периодот помеѓу 2000 и 2013 година, 85% од децата во светот ја примиле вакцината против морбили, и смртноста во тој период била намалена за 75%. Во 2013 година, морбилите како заболување се прогласени за водечка причина за смрт од заразно заболување во светот, кое може да биде спречено со вакцинација. Малите сипаници-морбили се водечка причина за смрт во детска возраст, која може да се спречи со вакцина. После 50 години од појава на вакцина против мали сипаници (морбили), вакцинацијата против мали сипаници се смета за една од нај економичните интервенции во историјата на глобалното здравје на луѓето. Со воведување на вакцина против морбили, се намалил бројот на заболувања, а со тоа и бројот на смртни случаи од ова заболување, многу повеќе отколку што претходно се сметало. Контролата која е воспоставена врз ова заразно заболување, благодарение на вакцинацијата, се смета за едно од најголемите јавно-здравствени придобивки за луѓето, што некогаш биле преземени во целиот свет. Причините за тоа се следните:
- од морбили годишно страдаат околу 20 милиони луѓе во светот, првенствено во неразвиените земји во Африка и во Азија;
- во периодот помеѓу 1855 година и 2005 година се смета дека приближно 200 милиони луѓе во светот умреле од морбили;
- пред воведување на вакцинација против морбили, се претпоставува дека околу 7-8 милиони деца во светот годишно умирале од оваа болест;
- во 1980 година, 2,6 милиони луѓе починале од оваа болест, во 1990 година починале 545000 луѓе, а во 2014 година, со редовна вакцинација, бројот на починати од оваа болест се намалил на само 73000 луѓе;
- во 2017 година, бројот на заболени и умрени од морбили е пораснат пред се поради намалениот број на имунизирани луѓе во целиот свет. Во Европа, во 2017 година се потврдени 21315 случаи од кои 35 завршиле со смрт.
Вакцина за морбили
Во развиените земји, се препорачува децата да бидат имунизирани против морбили на возраст од 12 месеци. Првата доза на вакцина против морбили се прима на 12 полни месеци и се прима како дел од тривалентна вакцина-МРП, во која покрај вирусот на Морбили, во вакцината има и заштита против вирусот на Рубеола и Паротит. Втора доза на вакцина најчесто се дава на возраст помеѓу 4 и 6 години, со цел да се зголеми стапката на имуност против вирусот. Вакцината МРП спаѓа во групата на т.н. живи вакцини. Несаканите реакции од вакцината се можни исто како и при примањето на било кој друг медикамент или средство во организмот, преку уста, интрамускуларно или интравенозно. Сите фармаколошки производи имаат можност да предизвикаат несакани реакции во организмот. Вакцината против МРП како жива вакцина може да даде реакција после 7-14 дена по примањето на вакцината. Најчесто се работи за лесни несакани реакции како што се покачена температура, болка и/или оток на местото на примање, малаксаност, секрет од нос, кашлица и ретко осип по телото. Средно тешки реакции од вакцината може да бидат појава на конвулзии и тромбоцитопенија. Животно загрозувачко негативни реакции (енцефалитис) се многу ретки. Вакви реакции се појавуваат кај <1 на милион вакцинирани деца или < 0.0001%.
Продобивки од вакцинација против мрп
- воведувањето на вакцинацијата за мали сипаници-морбили ја намалило детската смртност во сиромашните земји за 30-50%, и за 90% во најсиромашните земји;
- во периодот помеѓу 2000 и 2013 година, 85% од децата во светот ја примиле вакцината против морбили, и смртноста во тој период била намалена за 75%;
- со воведувањето на вакцинација против мали сипаници е забележано голем пад во бројот на заболени (а со тоа и во бројот на смртни случаи) од други заразни заболувања кои се јавувале пред ерата на вакцинација;
- се смета дека со воведување на вакцинација против мали сипаници се намалил драстично и бројот на супер инфекции кои се јавуваат неколку недели и месеци по прележување на болеста, а се резултат на големиот пад на имунитет кој го предизвикува вирусот на Морбили врз организмот по прележување на болеста. Во 2015 година, во научното списание Science, е публикуван труд од група на научници, кои заклучиле дека инфекцијата со Морбили го зголемува ризикот од смрт од други заболувања, две до три години после прележување на болеста.
Вакцина наспроти прележана болест
Од 1 милион вакцинирани луѓе:
- 3 вакцинирани може да имаат појава на конвулзии;
- 26 вакцинирани може да имаат појава на тромбоцитопенија;
- <4 вакцинирани може да развијат анафилактичка алергиска реакција;
- <1 вакциниран ќе развие енцефалитис;
- 0 ќе добие субакутен склерозирачки паненцефалитис.
Од 1 милион заболени луѓе:
- 500 заболени може да имаат појава на конвулзии;
- 330 заболени може да имаат појава на тромбоцитопенија;
- 0 анафилактичка алергиска реакција;
- 2000 може да добијат енцефалитис;
- 0 може да добијат субакутен склерозирачки паненцефалитис.
М-р Д-р Елена Манолева Николовска
специјалист педијатар
Тагови/клучни зборови: мали сипаници, морбили, вирус на мали сипаници, морбили вирус, заразни болести, вакцинација, педијатриско здравје, имунизација, заразни болести, јавно здравје, компликации од сипаници, симптоми на сипаници