Разбирање на инфекциите со Streptococcus Pyogenes, шарлах (скарлатина) и други компликации
Болките во грлото и воспалението на ждрелото и крајниците (фарингитис и тонзилитис) се чести и вообичаени детски болести кои можат да бидат предизвикани од различни вируси и бактерии. Голем број на вируси може да се јават како предизвикувачи на воспаление на горните респираторни патишта вклучително и ждрелото и крајниците од кои најчести се аденовирус, риновирус, коксаки вирус и респираторен синцицијален вирус. Сепак, 20% од воспаленијата се предизвикани од бактерии и една од најчестите причини за појава на фарингитис и тонзилитис се оние предизвикани од Streptococcus pyogenes gr. A и/или Streptococcus B-haemoliticus од група А. Акутно, бактеријата предизвикува воспаление локално во горните респираторни патишта но, доколку не се лекува, бактеријата може да предизвика појава на скарлатина (или попозната помеѓу луѓето како шарлах) како и компликации на одредени органи и/или органски системи пред се зглобовите, срцето и бубрезите. Во оваа статија, подетално ќе ги разгледаме стрептококните инфекции на грлото, вклучувајќи ги нивните симптоми, третман и потенцијални компликации.
Што е Streptococcus pyogenes?
Streptococcus pyogenes, исто така познат како Streptococcus pyogenes од група А и Бета-хемолитичен стрептокок од група А, е грам позитивна бактерија со или без капсула во својата градба. Карактеристично за бактеријата е тоа што лачи голем број на различни типови на токсини кои се причина за појава на различни клинички форми на болест на различни органи и органски системи (стрептококен фарингитис, ревматска треска, ревматска срцева болест, шарлах, постстрептококен гломерулонефритис). Најзначајни се еритрогениот (Диков токсин) кој ги оштетува капиларите и предизвикува зголемена пропустливост на истите и е причина за појава на осип по кожата во случај на скарлатина. Понатака стрептолизин О- токсин кој се создава во организмот како имунолошки одговор спрема бактеријата, лесно се детектира во крвта и е доказ за присуство и /или прележана инфекција со бактеријата. Други значајни токсини се стрептолизин С, стрептокиназа, хијалорунидаза и други егзо токсини кои може да ги создава бактеријата, а се значајни поради своите токсични ефекти.
Бактеријата може да предизвикува болест на два начини. Или со директна инвазија во ткивата или преку лачење на токсини. Болести кои настануваат со инвазија на бактеријата локално во ткивата се воспаленијата на фаринксот и тонзилите (фарингитис и тонзилитис) како и воспаленијата на кожата (импетиго, а во потешки случаи еризипел и целулитис). Болести кои настануваат под дејство на токсините кои ги создава и ги лачи бактеријата во човечкиот организам се скарлатина или шарлах, мигрирачки полиартритис, ревматска треска, пост-стрептококен гломерулонефритис и синдром на стрептококен токсичен синдром кој може да биде и живото загрозувачка состојба. Покрај децата, и возрасните може да заболуваат од истите болести како и децата.
Симптоми на стрептококни инфекции
Извор на инфекцијата може да биде дете или возрасен кој боледува од стрептококна инфекција на ждрелото, тонзилите или кожата како и здрави бацилоносители кои ја имаат бактеријата во ждрелото но нема симптоми на болест.
Се пренесува со капков пат со кивање, кашлање или плунка од заразен како и преку контаминирани предмети или раце (особено значајно за големите колективи со деца, како што се градинките и училиштата кои може да се извор на поголеми епидемии на стрептококни ангини и шарлах во случај на лоши хигиенски услови).
Инфекциите се најчести во пролет и есен, а најмногу погодени се децата на возраст од 2-10 години. Инкубацијата на болеста е кратка и трае околу 3-5 дена.
Симптомите на стрептококните инфекции може да варираат во зависност од видот на инфекцијата. Во случаи на фарингитис и тонзилитис, симптомите обично почнуваат одеднаш и вклучуваат нагла појава на болно грло, покачена телесна температура најчесто над 38,5-40 степени, главоболка, отечени и болни крајници, треска, малаксаност и/или отечени лимфни јазли на вратот. Кај децата многу често покрај овие симптоми може да се појават и други општи симптоми на болест како гадење, повраќање и абдоминална болка. Во случаи на шарлах (скарлатина), покрај горенаведените симптоми се појавува карактеристичен осип по телото првенствено на вратот, трупот и екстремитетите, а најчесто во пределот на аксилите, горниот дел од трупот и долниот дел од абдоменот и внатрешната страна на бедрата. Осипот е црвен, ситно точкест, густ, кожата е дифузно зацрвенета и на допир е рапава со присуство на ситни папули. Под дејство на токсините можна е и појава на ситно точкасти крварења под кожата. Во случаи на изразена токсичност и присуство на токсини во крвта, се гледа лесно перутање на кожата на трупот и лицето, а болеста може да заврши и со лупење на кожата најчесто на дланките и стапалата. Болеста се потврдува со карактеристичен наод на ждрелото, изолација на бактеријата со брис од нос и/или грло (како златен стандард за дијагноза) или со брз стреп-тест од грло (кој има висок процент на лажно негативен наод) и знаци за инфекција во лабораторискиот наод. Во случаи на скарлатина, болеста дополнително се потврдува врз основа на карактеристичниот осип по телото, како и лабораториско докажување на присуство на антистрептолизин-О во крвта и изолација на бактеријата со микробиолошки наоди.
Третман на стрептококни инфекции
Streptococcus pyogenes од група А и Бета-хемолитичен стрептокок од група А се бактерии осетливи на пеницилин што е од особено значење во третманот на овие бактерии. Главната цел на третманот е отстранување на бактеријата од грлото и спречување на појава на компликации од инвазија на бактеријата локално или под дејство на нејзините токсини. За таа цел стрептококните инфекции се третираат со антибиотици, првенствено пеницилински препарати во траење од 10-14 дена во зависност од клиничката слика и тежината на болеста. Во случаи на алергија на пеницилин, бактеријата се лечи со антибиотици од групата на макролиди. Во повеќето случаи, третманот со орални антибиотици е со времетраење од 10 дена, а симптомите на болест најчесто се повлекуваат и се подобруваат во рок од три дена од почетокот на лекувањето. Важно е да се заврши целосниот третман со антибиотици, во времетраење кое го препорачува педијатарот или матичниот доктор кај возрасните со цел комплетна ерадикација на бактеријата, спречување на појава на компликации и спречување на ширење на бактеријата во околината.
Компликации од стрептококните инфекции
Ако не се лекуваат, стрептококните инфекции може да доведат до компликации, како што се ревматска треска, мигрирачки полиартритис и оштетување на бубрезите (пост-стрептококен гломерулонефритис).
Ревматската треска е посериозна компликација која се појавува после инфекција на грлото со одредени типови на Бета-хемолитичен стрептокок од група А. Заболуваат деца на возраст од 5-15 години, ретко деца пред 3 годишна возраст. Настанува под дејство на антитела кои организмот ги создава против токсините на стрептококот (стрептококен М-протеин) кој по својата градба е сличен на структурата на клетките на срцето што резултира со оштетување на клетките на срцето (и на други ткива вклучувајќи ги и срцевите залистоци што може да доведе до трајно оштетување на срцевите залистоци и други сериозни здравствени проблеми). Може да се јави и после блага стрептококна инфекција која поминала незабележително или после изразена инфекција. Симптомите се јавуваат 10-14 ден после стрептококна инфекција со појава на температура, бледило и тахикардија независна од температурата.
Други компликации предизвикани под дејство на токсините од Бета-хемолитичниот стрептокок група А се воспаление во големите зглобовите, и тоа на различни зглобови во тек на неколку дена (т.н. мигрирачки полиартритис). Се карактеризира со појава на оток на зглобовите, локално топлина, црвенило и пореметена функција на зглобот кое се манифестира со ограничени движење во зглобовите и болка.
Оштетување на бубрезите или пост-стрептококен гломерулонефритис е компликација која настанува една до три недели после инфекција со Бета-хемолитичен стрептокок од група А. Заболуваат деца на возраст од 2-12 години, а најчеста е кај деца на 7 годишна возраст. Настанува од соеви кои лачат М протеин, а под дејство на антитела кои организмот ги создава против овие протеини. Болеста се манифестира со општа слабост, намален апетит, намалено излачување на урина, промени во бојата на урината (темно црвена до кафена) како и оток на очните капаци, покачен крвен притисок и други општи симптоми на болест.
Спречување на стрептококните инфекции
Во превенција и спречувањето на ширењето на стрептококните инфекции најважно е правилно одржување на хигиена на рацете на децата, редовна хигиена на просториите каде престојуваат децата, дезинфекција на предметите со кои си играат децата како избегнување близок контакт со луѓе кои се болни. Превенција за одржување на хигиена на предметите и играчките со кои си играат децата се однесува и на предметите во домот но уште повеќе и на оние во градинките каде можноста за пренос на инфекциите е многу поголема и каде поради лоши хигиенски услови можно е брзо ширење на болеста во колективот и појава на епидемија на стрептококни фарингити и тонзилити како и појава на шарлах и други токсични компликации кои понатака може да доведат до посериозни последици врз здравјето на децата и идите возрасни индивидуи.
Ако Вие или Вашето дете имате болки во грлото или други симптоми на стрептококна инфекција, веднаш посетете лекар за дијагноза и третман.
Покрај добрата хигиена, неопходно е зајакнување на имунитетот на децата. Најпрво, секојдневна добра хидрација на детето, храна богата со свежо овошје и зеленчук кои се главни извори на природни витамини и минерали. Употреба на јогурт, пробиотици и храна со ниски концентрации на индустриски шеќери и незаситени масни киселини. Квалитетен и добар сон. Прошетки и игри на чист воздух. Забрана и престанок на пушење во просториите каде детето игра и каде што спие. И на крај, последно но не помалку значајно, редовно вакцинирање на децата по календар.
Заклучок
Како заклучок може да кажеме дека болките во грлото, фарингитис и тонзилитис предизвикани од пиоген стрептокок група А и Бета-хемолитичен стрептокок група А може да предизвикаат значајни инфекции во организмот и да бидат причина за посериозни здравствени состојби доколку не се лекуваат.
Ако Вие или Вашето дете почувствувате симптоми на стрептококна инфекција, побарајте лекарска помош што е можно поскоро за да спречите компликации и да оневозможите ширење на инфекцијата во околината. Со правилна дијагноза и третман, најголемиот број на деца и возрасни луѓе со стрептококни инфекции закрепнуваат целосно и брзо и можат да избегнат појава на сериозни компликации.