Поликлиника Манолеви

pertussis

Пертусис или голема (црна, магарешка) кашлица

Вовед и епидемиологија

И покрај тоа што луѓето мислат дека пертусис е болест на минатото, сепак се работи заболување кое сеуште е присутно во целиот свет. Така на пример во последните 10 години, во САД во 2012 година е забележан рекорден број на случаи за една година (околу 48000 случаи), како и просечна смрт од 20 бебиња годишно во периодот од 2010 до 2020 година. Во Европа во последната декада, најголем број на случаи се потврдени во 2016 година (околу 48000 случаи) на пертусис. Во светски рамки, во 2019 година, во Кина е регистриран најголем број на случаи глобално со околу 30027 случаи по која следуваат Јапонија, Русија, Австралија и Индија со околу 11000-17000 случаи во 2019 година. Во периодот од јули до ноември 2023 година се бележи зголемен број на случаи на пертусис во цела Европа во однос на истиот период минатата година. Во Хрватска после 40 години во 2023 година е забележан рекорден број на заболени. Во Босна и Херцеговина има и еден смртен случај на бебе на возраст до 2 месеци.

Начин на ширење на инфекцијата

Пертусис е акутно инфективно и многу заразно заболување предизвикано од бактеријата Bordetella pertussis. Бактеријата предизвикува болест само кај луѓето. Таа може да предизвика сериозен облик на болест кај сите возрасни групи но најопасна е за новородените и бебиња во првите два месеци после раѓањето и до моментот на примање на првата доза на вакцина против пертусис. Главната карактеристика на болеста е кашлица во напади која може да трае со недели. Покрај кашлицата бактеријата може да предизвика компликации на респираторниот и нервниот систем кои може да остават трајни последици на мозочната функција и невролошкиот развој кај децата.

Извор на инфекција е болен човек. Бактеријата се пренесува по капков пат, преку плунката и аеросолите кои болниот човек ги исфрла при кашлање и кивање. Индексот на заразност е многу висок, околу 80%. Инфективноста (заразноста) е најголема на почетокот од болеста, кога сеуште не се појавуваат карактеристичните знаци за болеста и може да трае и до 4 недели од почетокот на болеста. Со рана дијагноза на болеста и соодветно лекување, се намалува времетраењето и на заразноста и на болеста, кај болниот човек. Луѓето кои имаат благи и лесни симптоми на болеста и ја немаат карактеристичната кашлица на болеста, се најзначајни бидејќи ја шират инфекцијата во околината без да знаат. Бебињата најчесто се заразуваат од постари брат или сестра, од родителите или лицата кои се грижат за нив, кои (не) знаат дека ја имаат болеста. Во популации со висок процент на вакцинација, заболувањето и смртноста од болеста се многу ниски бидејќи со редовна вакцинација во популацијата, се заштитени нај вулнерабилните категории како што се доенчињата и постарите изнемоштени лица кај кои пертусисот има најтежок тек на болест и предизвикува најтешки компликации.

Патофизиологија

Бактеријата Bordetella pertussis по навлегувањето во респираторниот систем се врзува за цилиите во горните дишни патишта, се размножува, создава ендотоксини и активни биолошки супстанции кои се одговорни за понатамошниот тек на болеста. Со напредување на болеста настануваат промени и во долните дишни патишта, со појава на пневмонија, бронхитис, бронхиолитис кај бебињата, како и појава на емфизем, ситни крварења и едем (оток) на слузницата.

Клиничка слика на болеста

Инкубацијата на болеста е од 7-14 дена, а понекогаш симптоми на болеста може да се појават и после 21 ден. Текот на болеста се одвива во три стадиуми.

Прв стадиум

Првиот стадиум е катарален стадиум кој е неспецифичен и се карактеризира со знаци и симптоми како и кај другите респираторни инфекции како што се болка во грло, затнат нос, секрет од нос, кивање, нормална или лесно покачена температура со или без треска, и лесна кашлица која е речиси иста како и кај останатите настинки и постепено се интензивира навечер. Овој стадиум трае околу 8-10 дена. Во овој стадиум болниот е нај заразен и многу брзо ја шири инфекцијата во околината.

Втор стадиум

Вториот стадиум е пароксизмален стадиум кој се јавува околу 2 недели од почетокот на болеста и се карактеризира со појава на брзи, тешки, нагли и неконтролирани напади на кашлица кога болниот во тек на едно вдишување до издишување кашла постојано што предизвикува појава на црвенило на лицето, насолзени очи, отворена уста и исплазен јазик, цијаноза, исплашен лик со глад за воздух. На крајот од нападот следува брзо вдишување на воздух со испуштање на карактеристичен звук сличен на глас на магаре поради што болеста народно се вика и магарешка кашлица. Кај децата нападот на кашлица може да е проследен со исфрлање на мала количина на слуз и /или повраќање. Поради големиот напад можни се појави на прскање на капилари во белката на очите или крварење од нос. Нападите на кашлица може да бидат предизвикани при хранење, промена на температура во околната, присуство на чад, дим од цигари, силни мириси или при возбуда. Дневно може да се појават 5-40 напади на кашлица и истите се најтешки и најчести во ноќните часови. Овој стадиум трае 2-6 недели.

Кај новороденчињата и малите деца не се појавува оваа типична слика на напад на кашлица. Карактеристична е појава на престанок на дишењето, со појава на цијаноза, млитавост, привиден престанок на дишење по што се појавуваат слаби респирации. Поради хипоксија и цијаноза може да настанат конвулзии, асфиксија и во најтешките случаи и смрт кај доенчињата и малите деца.

Трет стадиум

Третиот стадиум на болеста се вика реконвалесцентен стадиум. Во овој стадиум се смируваат симптомите, се намалува бројот на напади на кашлица, истите се полесни и некарактеристични. Овој стадиум може да трае со недели дури и месеци. Оздравувањето од пертусис е споро. Кашлицата може да се поврати во случај на друга инфекција на респираторниот систем (бактериска или вирусна), а кашлицата може да се поврати и после неколку месеци од почетокот на болеста.

Дијагноза

Дијагнозата на болеста се поставува врз основа на типичната кашлица, карактеристичните промени во лабораторискиот наод и со изолирање на бактеријата со микробиолошки испитувања. Лекувањето е со антибиотска терапија. Најзначајна е рана дијагноза на болеста и брз третман што овозможува полесна клиничка слика на болеста и можност за превенција на ширење на инфекцијата во околината. По дијагностицирање на болеста, се спроведува и профилактичка терапија кај сите кои се во најблизок контакт со болниот со цел да се спречи појава на болест како и ширење на болеста во околината.

Компликации

Компликации од пертусис може да се појават кај сите старосни групи на пациенти. Најтешки и понекогаш смртоносни компликации се јавуваат кај бебињата на возраст до 1 година. 7 од 10 смртни случаи од пертусис се јавуваат кај деца на возраст до 3 месеци. Најчесто се јавува кај бебиња и мали деца кои не се вакцинирани воопшто или имаат некомплетна вакцинација со една или две дози на вакцина од потребните три дози кои се примаат во првата година од животот. Кај доенчињата мозочните компликации може да предизвикаат трајни физички и психички пореметувања во развојот на децата.

Кај едно од три бебиња помали од една години како компликација се појавува потреба од болнички третман на болеста.

Кај бебињата со тежок облик на болест кои се лечат во болница:

• 2 од 3 бебиња (68%) ќе имаат појава на апнеа (што претставува живото-загрозувачка пауза во дишењето),
• 1 од 5 (22%) од нив ќе развијат белодробна инфекција (пневмонија),
• 1 од 150 (0,6%) ќе разијат енцефалопартија (пореметување во развој на мозокот),
• 1 од 100 (1%) ќе заврши со смрт.

Кај поголемите деца, тинејџерите и возрасните, во тешки случаи на болеста како компликација може да се појават фрактури на ребрата, неконтролирано мокрење, слабеење или појава на смрт. Компликациите се ретки и помалку сериозни кај оние кои се редовно вакцинирани против пертусис.

pertussis

Превенција

Најдобрата превенција против пертусис е вакцинација против ова високо заразно заболување. Вакцинацијата започнува со навршени 2 месец кај бебињата, а продолжува со вакцини на 4 и 6 месеци, по што следуваат ревакцини на 15-18 месеци и 6-7 години со цел да се одржи заштитата.

За намалување на ширењето на болеста кај индивидуи со симптоми на било каква респираторна болест се препорачува редовно одржување на хигиена на рацете со сапун или алкохолни раствори за дезинфекција на рацете како и покривање на устата и ноост со маска или марама при кашлање, кивање и секреција од носот.

Вакцините против пертусис се ефективни но не се совршени. Вакцинираните индивидуи може да се заразат и да добијат клиничка слика на болеста но истата поминува лесно, за неколку дена и ретко се појавуваат напади на кашлица. Кај вакцинирани бебиња кои се заболеле со пертусис, апнеите и цијанозата како и компликациите на болеста се ретки и многу помалку возможни. Кај постарите деца и тинејџери, како и кај возрасните лица и вакцинираните бебиња, кои се редовно вакцинирани, ако се заразат и се појави болеста, таа има полесен тек и поминува полесно и без компликации. Нередовно вакцинираните тинејџери и возрасни деца може да имаа потежок облик на болеста како и кај возрасните.
Со цел да се заштитат новородените бебиња и да се намали ризикот од тешко заболување и смрт од пертусис кај бебињата до 2 месеци, од 2012 година за првпат во светот се воведени препораки за употреба на Tdap (tetanus, diphtheria, pertussis) вакцината кај бремени жени. Вакцината се препорачува и се прима во високо развиените земји во САД и Европа (Велика Британија, Шпанија, Италија, Германија, Швајцарија). Tdap (tetanus, diphtheria, pertussis) вакцината се препорачува за сите бремени жени во тек на третиот триместар од бременоста (27-36 ГН). Заштитните антитела кај мајката се највисоки две недели после вакцинацијата и потребно е време да се пренесат на бебето пред породување. Поради тоа препорачливо е вакцината да се прими во раниот почеток на третиот триместар или најмалку 2 недели пред породувањето со цел да се создадат доволни антитела кои ќе се пренесат на новороденото бебе. Се прима само еднократно во секоја бременост. Примање на Tdap вакцината во овој период од бременоста го намалува ризикот од пертусис кај бебињата до 2 месеци за 78%, и го намалува ризикот од тешки комликации и болничко лекување кај оние бебиња кои се заразени.

За заштита на населението од заразни болести кои се во календарот за вакцинација, потребно е најмалку 95% од населението да биде вакцинирано за да се овозможи целосна заштита. Според последните податоци кај нас, опфатот за ДТП вакцината е 90%, а за МРП вакцината 70%. Во моментов во Европа, покрај присуство на пертусис, има и активна епидемија на морбили во Романија.

М-р Д-р Елена Манолева Николовска
специјалист педијатар

Тагови/ клучни зборови: пертусис, црна кашлица, магарешка кашлица, голема кашлица, бордетела пертусис, заразни болести, вакцинација, педијатриско здравје, респираторни инфекции, јавно здравје, компликации од пертусис, третман на кашлица