М-р Д-р Елена Манолева Николовска
Почитувани мајки и родители на нашите и ваши деца,
Педијатрискиот блог како дел од останатите единици и блогови при Поликлиника Манолеви ќе има за цел да ги едуцира родителите и мајките на деца за многубројните прашања кои истите ги имаат во однос на новородените бебиња и доенчиња, малите деца од претшколската возраст и децата од школска возраст и адолесценција.
Педијатриската работа во склоп на Поликлиника Манолеви е започната уште во 1993 година од Д-р Павлина Манолева и од 2010 година е продолжена преку втора генерација на педијатри во семејството преку Д-р Елена Манолева Николовска. Педијатрискиот дел од Поликлиниката претставува значаен сегмент од Поликлинката, бидејќи овозможува решавање на проблемите во еден од најзначајните сегменти во општеството, а тоа се правилниот раст и развој на децата кои воедно се и најголемото богаство на едно општество и претставуваат најзначаен дел од иднината на истото. Само преку правилен психофизички раст и развој на децата ќе овозможиме здрава, успешна и светла иднина не само во рамките на едно општество туку и пошироко.
Во педијатрискиот блог ќе имате можност да читате текстови кои ќе имаат за цел да ги едуцираат родителите за одредени болести и состојби и како да ги препознаат истите. Понатаму блогот ќе има за цел да им даде насоки на родителите како да постапат во одредени ситуации со своите деца, пред се да знаат како да постапат при одредени состојби кај децата како што се покачена телесна темпертатура, појава на течна столица, опстипација, проблеми со исхрана и прашања поврзани со ситуации и состојби од секојдневието, а кои не се поврзани со болести(и).
Еден од најзначајните сегменти од блогот ќе биде и насока на родителите како да овозможат здрав начин на исхрана кај децата. Важноста од здравиот начин на исхрана и навиките кои детето треба да ги стекне уште од најмала возраст се од големо значење за понатамошните навики во животот и превенција на болестите во подоцнежните децении од животот пред се на дијабетесот, кардиоваскуларните заболувања и автоимуните заболувања. Лично како педијатар верувам и сметам дека навиките за здрав живот и начин на исхрана кај децата треба да бидат поставени уште во првите 4-5 години од животот кои понатаму, во тек на адолесцентниот период истите би се зацврстиле и со тоа би овозможиле на секое дете, а понатаму возрасен човек да живее здрав, долготраен и квалитетен живот. Колку е поголема превенцијата на болестите уште во раниот период од животот, толку ќе биде и помала инциденцијата на заболувања во подоцнежниот период од животот. Само со здрави навики на исхрана и живеење може да овозможиме правилен раст и развој на здрави деца и возрасни индивидуи. Блогот ќе биде отворен и за прашања и одговори на сите проблеми од секојдневието меѓу кои и сите проблеми кои се однесуваат на исхраната кај децата и начинот
на кој родителите би сакале да ги решат проблемите од прекумерен внес на калории и неправилен начин на исхрана.
Накратко, ќе пишуваме со една цел, а тоа е да ги подигнеме нашите знаења за начините како да овозможиме правилен и нормален психофизики развој на нашите деца.
Критиките и сугестиите ќе бидат добродојдени и позитивно прифатени бидејќи истите ќе преставуваат само поголем мотив и ние да бидеме уште подобри во нашата работа.
Со почит,
М-р д-р Елена Манолева Николовска.