Поликлиника Манолеви

Решавање на дебелината кај децата: Разбирање на причините, третман и превенција

Дебелината кај децата е еден од најсериозните јавно здравствени проблеми на 21 век со која се засегнати сите земји во светот. Преваленцата и распространетоста на детската дебелина е зголемена за повеќе од 10 пати во изминатите 40 години. На светско ниво, над 340 милиони деца и адолесценти на возраст од 5-19 години биле со прекумерна телесна тежина или имале дебелина во 2016 година. Поради тоа дебелината кај децата е препознаена како болест и треба да сме свесни за сериозноста на дебелината како здравствен проблем.

Разбирање на причините

Што е дебелина во детската возраст? Дебелината кај децата е сложен проблем на кој влијаат различни фактори.  Дебелината кај децата претставува хронична и мултифакториелна болест која се појавува под влијание на повеќе фактори како што се физиолошки, психолошки, еколошки, социо-економски и генетски фактори. Генетиката, седентарниот начин на живеење, нездравите навики во исхраната и социо-економските услови на живот се најзначајните фактори за појава на дебелина кај децата и адолесцентите. Генетската предиспозиција може да направи некои деца да бидат поподложни на зголемување на телесната тежина, додека изобилството на преработена храна и пијалаци полни со шеќер во нашата исхрана го влошуваат проблемот. Дополнително, ограничениот пристап до здрава храна, недостатокот на физичка активност и прекумерниот престој пред електронски уреди играат значајна улога во влошување на состојбата и нејзиното решавање.

Дебелината може да се појави кај било кое дете или адолесцент во светот и има значајно влијание врз здравјето и квалитетот на живеење кај идните возрасни индивидуи.  Се смета дека 75-80% од адолесцентите кои живеат и се соочуваат со дебелина, ќе бидат дебели и во адултниот период. Дебелината кај децата е поврзана со одредени компликации поради зголемената телесна тежина, а во одредени случаи може да биде и причина за појава на здравствени проблеми кои или го намалуваат квалитетот на живот или се  причина за прерана смрт во зрелите години.

Најзначајни идни компликации од дебелина кај децата се:

  1. Дијабетес мелитус тип 2 – раниот почеток на дебелина е причина за појава на дијабетес мелитус тип 2 кај млади возрасни лица (на возраст под 40 години).
  2. Кардиоваскуларни заболувања – докажано е дека децата со дебелина имаат повеќекратно поголем ризик за кардиоваскуларни заболувања (рана појава на срцев удар, мозочен удар или други кардиоваскуларни заболувања). Сепак, податоците покажува дека поединците кои имале прекумерна телесна тежина во детството, но ја нормализирале тежината до полнолетството, кардиоваскуларниот ризик е ист како кај оние кои имале нормална телесна тежина во детството.
  3. Опструктивна апнеа – се смета дека ноќна апнеа може да се појави кај 59% од децата и адолесцентите со дебелина.
  4. Психолошка вознемиреност – е поголема кај децата со дебелина бидејќи често се изложени на вербални напади и/или потсмев, на психолошки товар и задевање од страна на својата околина.
  5. Квалитет на живеење – социјалните проблеми кај децата со дебелина може да доведат до низок квалитет на живот што понатака може да влијае на нивните интелектуални достигнувања.

Пристапи на лекување

Третманот на дебелината кај децата бара сеопфатен и мултидисциплинарен пристап со цел да им се помогне на децата и адолесцентите да постигнат долгорочен успех во контрола на тежината. Во третманот треба да учествуваат здравствените работници, децата, родителите и заедницата. Најзначајни аспекти за контрола на дебелината се комбинација на промени во начинот на живот и исхраната, зголемена физичка активност и модификација на однесувањето. Во процесот на поставување на контрола на болеста, најзначајна е соработката на детето со нутриционисти, диететичари и специјалисти за вежбање кои преку персонализирано водство и поддршка може да овозможат долгорочно регулирање на телесната тежина и поставување на трајни промени во правец на здрав начин на живеење. Упатствата за справување со дебелина препорачуваат создавање на индивидуализирани планови за секое дете поединечно, соодветен на неговата возраст, пол, етничка припадност, културното потекло, економските и семејните околности, како и спрема потребите на детето и степенот на дебелина. Во потешки случаи, може да бидат потребни и други медицински интервенции. Сепак, од суштинско значење е да се решат основните причини за појавата на дебелината за да се промовира долготраен успех и да се спречат идните здравствени компликации.

Стратегии за превенција

Превенцијата на дебелината кај децата е несомнено поефикасно од лекувањето подоцна во животот. Со цел да се спречи појавата на дебелина кај децата, Светската здравствена организација препорачува нутриционистичко советување на родителите, старателите и згрижувачките семејства на доенчињата и децата до 5 години.  Се препорачува навремена консултација на децата со дебелина кај одредени специјалисти, со цел да се овозможи регулирање и нормализирање на телесната тежина до адолесцентниот период со што би се намалиле понатамошните идни ризици по здравјето. Родителите, старателите, училиштата и заедниците играат значајна улога во едукација на децата, нивната околина и промоцијата на здравите животни навики. Едукацијата за исхраната, контрола на големината на порциите и важноста на редовното вежбање и физичка активност, треба да се вклучат во сите училишните програми. Дополнително, во борбата за спречување за појава на дебелина кај децата голема улога играат и ограничување на времето поминато пред електронски уреди, охрабрување и поттикнување за физички активности на отворено и обезбедување на пристап до здрави хранливи ужинки и оброци.

Зајакнување на семејствата и заедниците

За да се бориме и да ја превенираме дебелината кај децата, мора да обезбедиме здрава и едуцирана околина околу децата која ќе служи како пример и ќе овозможи полесно реализирање на програмата за слабеење и ќе биде од големо значење за долгорочен успех. Педијатрите можат да им помогнат на родителите преку советување за здрав начин на исхрана на децата и советувања за активности за здрав начин на живеење. Значајна улога во реализирање на програмите имаат семејните оброци, вклучување на децата во планирање и подготовка на оброците и промовирање на физички активности. Програми од страна на заедницата за промоција на здрав начина на живот преку флаери и реклами, иницијативи за физичка активност и воспоставување на безбедни игралишта, патеки за велосипеди и организирање настани ориентирани кон здравјето, се дел од целокупната борба против дебелината и промоцијата на здрав начин на живеење.

Дебелината кај децата е сложен проблем со долгорочни последици. Како педијатар, ги повикувам родителите, воспитувачите, здравствените работници и креаторите на политиките да се здружат и да се справат со оваа епидемија. Со разбирање на причините, имплементирање на ефективни пристапи за лекување и ставање приоритет на превентивните стратегии, можеме да обезбедиме посветла, поздрава иднина за нашите деца. Сите заедно да ја смениме плимата на дебелина кај децата и да промовираме доживотна благосостојба.

ЕЛЕНА МАНОЛЕВА НИКОЛОВСКА

СПЕЦ. ПЕДИЈАТАР