По повод 14-ти Ноември, светскиот ден на дијабетесот, во чест на 5000 деца и возрасни во Република Македонија кои живеат со дијабетс Тип 1, Бојан Киров планира 5 искачувања на планината Водно (1060 метри) во текот на 1 ден при што секој 1 метар искачување симболично ќе биде посветен за секој пациент со Т1. За реализацијата на овој проект Бојан, кој воедно ја има состојбата на Т1 повеќе од 40 години, состави тим од пријатели кои ќе му овозможат поддршка во реализацијата, најмногу на самиот ден, но и деновите претходно.На наше големо задоволство, но воедно и одговорност, Бојан не покани во тимот кој ќе треба да му даде поддршка во реализација на овој подвиг. Причините поради кои се одлучи за наше вклучување во тимот е стручноста која низ годините ја потврдивме со учество на голем број настани посветени во областа на аплската медицина, секојдневната клиничка пракса со дијабетесот, метаболните и васкуларни состојби, но и доброто познавње на планинарските прилики кои несомнено го модерираат овој несекојдневен настан.
Во прилог ви ја пренесуваме приказната на Бојан Киров
Бојан Киров, кај пријателите познат како Џими. Имам 45 години, од мојата втора година живеам со дијабетес тип 1 (Т1Д).Дијабетесот не ми претставува никаква пречка да го живеам животот нормално, како и секој друг човек. Завршив образование, работам како управител во сопствена компанија, имав (се до појавата на Ковид-19) интензивен социјален живот, со голем број на пријатели другари роднини………Целиот свој живот му пркосам на дијабетесот со спортување. Како млад тинејџер тоа беа кошарката и фудбалот, потоа ја открив кинеската вештина “wing chun” (вечна пролет или вечна младост) во 1995 година, која ја применувам до ден денешен кога имам време и кога ми треба отпуштање на телото и мислата. Од 2000 година, се пронајдов себеси во планините и во природата. Од ден во ден откривав колку допирот со природата ме релаксира, ме освежува, ми дава енергија за понатаму, и најважно од СЕ……..прекрасно ми го регулира нивото на шекерот во крвта. Од тогаш до ден денес, активно се искачувам на сите планини во нашата држава но и надвор кај нашите соседи по нивните планини. Планинарењето е активност која бара многу (за лица со дијабетес тип 1 како мене). Прво треба добро да ја запознаете состојбата со која живеете, да знаете како ви делува терапијата што ја примате (кај мене тоа се инсулините Апидра и Лантус), да знаете која храна колку бргу и како ви влијае на гликемијата, да си го најдете сопственото темпо на движење, сопствениот пулс што најмногу ви одговара и.т.н. Секако, се ова не се учи преку ноќ. Голема заслуга за мојот пристап кон дијабетесот има моето семејство, потоа докторите кои ме имаат обучувано и сеуште учам од нив, моите пријатели кои ме прифаќаат мене со мојата состојба………Идејата да им посветам 5000 метри на 5000 лица со дијабет тип 1 кај нас, ми се роди првенствено, за да ги мотивирам сите луѓе што имаат дијабетес, да се движат и да ги увидат придобивките од физичката активност, сакајќи да испратам позитивна порака до сите Вас. Мојата препорака е дека секој треба да си пронајде своја активност, мојата препорака се секако планините. Преку движењето му помагате на сопствениот организам подобро да се справува со нивото на шекерот во крвта, си го подобрувате сопствениот имунитет, ги држите крвните садови во добра витална кондиција и уште многу други придобивки.Затоа, Ве повикувам почнувајќи веднаш сега, да почнете да бидете активни, да се движите, секој во рамки на своите можности и да го одбележиме светскиот ден на дијабетот 14-ти Ноември, сите активни некаде во природата. Секако……..препораките и мерките за заштита од вирусот Ковид-19 мораме сите Ние да ги почитуваме, бидејќи со овој вирус нема шала.Следете го мојот пример, и дајте ми поддршка да успеам во сабота на 14.11.2020 да искачам 5000 метри за сите Нас 5000 Т1Д во Р.С.Македонија