Поликлиника Манолеви

zamasten-crn-drob

Регенерација или обнова на црниот дроб преку промена во видот на храна и физичката активност

Замастен црн дроб или хепар претставува состојба на акумулација на масни капки во главната клетка на црниот дроб – хепатоцитот. За да оваа состојба биде дијагностицирана со магнетна резонанца треба да има замастување на повеќе од 5% од вкупната маса на црниот дроб. Модерниот начин на живеење нуди изобилство на храна и нејзин прекумерен внес. Работните навики заедно со прекумерното работење, неминовно водат до замастување на црниот дроб, зголемување на телесната тежина (дебелина) и провокација за појава на дијабетес, покачени маснотии и покачен крвен притисок (КП). Сите овие состојби заедно, кај една голема популациона група неминовно водат до васкуларни инциденти т.е. појава на срцев удар, мозочен удар или други кардиоваскуларни заболувања.

Она што луѓето помалку го знаат, а каде нивото на свесност треба да биде поголемо, е фактот дека ваквиот начин на живеење доведува до неалкохолно замастување на црниот дроб. Споредено со алкохолното замастување за кое со децении се знае дека може да води кон цироза и појава на хепатоцелуларен карцином, неалкохолното замастување слично, може да води кон напредната фаза на заболување познато како стеатохепатитис. Стеатохепатитисот со неговото напредување, оневозможува обнова на црниот дроб и кај некои индивидуи може да води кон цироза или појава на хепатоцелуларен карцином. Кај лицата кои е дијагностициран стеатохепатитис предизвикан од храна, а не од прекумерно консумирање на алкохол, умереното консумирање на вино (како дозволен, помалку штетен и во некои ситуации пожелен алкохол) може да води кон забрзана појава на карцином на хепарот (хепатоцелуларен карцином).

Токму поради сé горе наведено, неалкохолно замастениот црн дроб не претставува едно “обично замастување“ туку, состојба која мора многу внимателно да се процени кај секоја индивидуа поединечно, да се направи дијагностичка проценка и степенување кои понатака ќе водат кон правилен терапевтски пристап.

Диетална промена во животот!

Оправдана ноќна мора или неразбрана промена во животниот стил?!

Вагата е најголема фрустрација во модерното живеење!

Колку што е жално, толку во исто време е траги-комично и изнудува насмевка бидејќи нема човек кој се нема соочено со вагата и нејзината “големина“ за брзо фрустрирање.

Кај неалкохолно замастениот црн дроб (во понатамошниот текст – замастен хепар) вагата може,  но и кај еден дел од лицата  нема потреба да биде средство за следење на успехот при промена на диеталните навики. ДА!, еден дел од читателите ќе се изненадат, но тоа е научен факт.

Во изминатите децении многу се вложува во развој на диети чиј протокол се темели на брзо  и ефикасно намалување на телесната тежина. Сепак, еден голем дел од оние кои ги спроведуваат ваквите диети не успеваат долго да ги одржат промените бидејќи не успеваат да ја одржат брзо намалената тежина за подолг период. Напротив, сите тие лица не само што ја враќаат претходно намалената телесна тежина туку и ја зголемуваат за 5-10% од онаа тежина која ја имале пред да почнат да слабеат. Ако кон ова се додаде и фактот дека ова се лица на возраст после 50 -та година, со метаболна зависност, децениска зависност од храна богата со шеќер и маснотии, со присуство на повеќе кардиоваскуларни и метаболни заболувања (дијабетес, покачен крвен притисок, покачени маснотии, обезност, прележан срцев и мозочен удар) неминовно се поставува прашањето: постои ли оптимален диетален третман кој ќе биде бенефитен, но и реално спроведлив, кој во долгорочна смисла ќе доведе до намалување на степенот на замастување на хепарот?

Рандомизирани контролирани студии докажале дека луѓето кои внесуваат храна богата со шеќер или храна богата со маснотии+шеќер и истата храна е внесувана помеѓу оброци (се мисли на “грицкање“ на храна и внес на шеќери пред ТВ или во друга седечка ситуација), имаат прогресивно замастување на хепарот и акумулација на абдоминалното (стомачно) масно ткиво, споредено со оние лица кои истата храна ја земале со главен оброк и потоа немало внес на храна (т.н. седечки ужинки со шеќер+маснотии).

Со оваа научна потврда сакам да посочам дека кај замастениот хепар промената на видот на храната т.е. изборот на храната и времето кога истата се зема е (по)значајно отколку брзото намалување на телесна тежина и обидот за почетна агресивна физичка активност. Токму поради тоа обемот на струк е воведен како параметар за успешно спроведена диетална промена, каде со минимално намалување на телесна тежина и отсуство на физичка активност, а со промена во изборот на храна ќе се доведе до: намалување на хепаталните ензими како маркер за напреднато хепатално замастување, намалување на замастувањето и намалување на степенот на инфламација и фиброза на хепарот (два маркери на напреднато замастување кои водат кон цироза и хепатоцелуларен карцином).

zamasten-crn-drob

Избор на диетален режим!

Постои ли чувство на припадност во изборот на храна?

Дали еволутивната-генетски детерминирана метаболна “навика“ има место за почит?!

Медитеранската диета е изборот за начин на исхрана кога станува збор за замастен хепар. Но, дали медитеранската диета е правилно разбрана?

Мора да признам дека првото погрешно толкување кое сум го гледал низ годините е обидот да се ослаби со вовед на медитеранска диета. Неминовен е фактот дека со нејзино правилно спроведување доаѓа до намалување на телесна тежина. Сепак, нејзиното значење е многу покомплексно и онаму каде оваа диета треба да биде камен-темелник се токму лицата со замастен хепар. Нејзината големина во кардиоваскуларна превенција преку забавување на прогресија на артериосклерозата и забавување на прогресија на замастувањето на хепарот (со потенцирање на обноват на веќе замастен хепар) се главниот приоритет кај лицата со масен хепар. Како што веќе напоменавме, голем дел од лицата кои имаат замастен хепар имаат и придружни кардиоваскуларни и метаболни заболувања (дијабетес, покачен крвен притисок, покачени маснотии, обезност, прележан срцев и мозочен удар). Независно од возраста и полот, сите овие индивидуи имаат потреба од промена во животните навики каде медитеранската диета или да дефинирам прецизно: медитеранскиот начин на живеење, треба да биде поставен на регуларна дневна основа каде ќе се воспостави максимата: мали животни промени водат кон големи здравствени бенефити!

Кон ова ќе се додадат само неколку факти од нашето секојдневно диетално опкружување:

  • Македонија е планинска земја која територијално ја сочинуваат планини ( повеќе од 70%).  Изборот на спорт и физичка активност е на високо ниво.
  •  Одамна е докажано дека имаме високо ниво на социјализација, ако судиме по бројот на заедничко испиени кафиња и кафеански средби. Мали промени фалат, за да социјалните навики имаат здравствен бенефит.
  •  Карактерот на населението е мултикултурен во чии корени сѐ уште се препознаваат земјоделските и сточарски навики и традиции. Изборот на месо кој треба да биде во мала количина, не треба да биде проблем.
  •  Во изборот на храна повеќе од лесно може да доминираат зеленчукот и овошјето.
  •  Рибата е достапна, со малку труд може да се внесе во исхраната.
  •  Процесираните меса и тестенини не се забранети. Едноставно, треба да се редуцираат на внес помал од 10 % од севкупниот внес во исхрана.

Со други зборови, медитеранската диета дава слобода во изборот на храна, но и многу побитно: ни дава сугестија дека без физичка активност и социјална посветеност која ќе го намали нивото на стрес (ментален и клеточен), нема да има намалување на степенот на замастување на хепарот со спречување кон прогресија на стеатофиброза, цироза и хепатоцелуларен карцином; замастен хепар без медитеранска диета претставува катапулт за појава на инсулинска резистенција, појава на дијабетес, покачен крвен притисок, провокација со прогресија на артериосклероза, појава на срцев или мозочен удар и други кардиоваскуларни и метаболни состојби.

Сето горе наведено јасно асоцира дека медитеранската диета е со векови тука и на нам ни е  добро позната. Останува да ја почнеме и полека да ја спроведуваме.

Во продолжение на овој текст следи: спроведување на медитеранска диета кај замастен хепар во секојдневното живеење.

Сите наведени податоци во најголем дел се преземени од официјалните водичи за дијагностика и третман на неалкохолно замастен црн дроб, одобрени од Европската асоцијација за проучување на црниот дроб.

Клучни зборови: активностдробзамастувањеисхранамедитерансканеалкохолностеатохепатитстеатохепатитисфизичкахепарцрн

Пишува

д-р. Александар Манолев

Специјалист интернист

Септември, 2023 година