Поликлиника Манолеви

Спречување на болести што ги пренесуваат комарците

Покрај сѐ, сите ги очекувавме и однапред им се радувавме на летните активности за забава и рекреација на отворено. Арно ама, не сме единствени – здодевните комарци исто така уживаат во топлото време, па затоа треба добро да се подготвиме дека летово нема да бидеме сами надвор. Но, само затоа што комарците веројатно ќе бидат неизбежен дел од сите летни активности не значи дека сме целосно беспомошни. Со цел да Ве заштитиме Вас и Вашите семејства, се обративме на експерти да добиеме проверени и докажани совети за тоа како да се одбраниме од комарците.

Сепак, да се ослободиме од комарците нема да биде толку лесно, а знаеме дека нема ништо по досадно од нивното зуење околу ушите и чешање на зацрвенети убоди по кожата.

Исто така, не смееме да заборавиме дека комарците се второто најопасно суштество на планетава (после човекот), затоа што секоја година убиваат милиони луѓе преку ширење и пренесување болести. Се смета дека маларијата е одговорна за најмалку половина од починатите поради комарци, додека остатокот се должи на болести како што се жолта треска, chikungunya, вирусот од Западен Нил и денга треската, а во поново време и вирусот Zika.

Комарците се инсекти со 2 (1 пар) крила од родот Diptera. Anopheles, Culex и Aedes се трите видови комарци за кои со сигурност се знае дека се одговорни за најголемиот број убоди на луѓе и пренесување на споменатите болести.

Женките се тие што касаат, затоа што им треба крв за да произведат јајца. Вообичаено им треба оброк секој трет или четврт ден. На мажјаците им се доволни само цвеќиња и нектар.

На местата каснати од комарци остануваат протеините од нивната плунка. Имунолошкиот систем ги препознава како закана и почнува да создава хистамин (слична реакција како при уртикарија – алергија) за да ги нападне. Резултат се вообичаените црвени петна кои толку многу чешаат.

Зошто само мене ме касаат комарци?

На кратко кажано, веројатноста е поголема да бидат каснати:

  • возрасните во споредба со децата
  • мажите во споредба со жените
  • покрупните наспроти поситните луѓе

Како и да е, точно е дека некои луѓе се по склони да бидат каснати отколку други, но не можеме да направиме ништо околу тоа, бидејќи главниот одлучувачки фактор за тоа е генетиката. Комарците се привлекуваат од страна на различни хемикалии, на пример млечна киселина, кои се наоѓаат на површината од човечката кожа. Човечкото тело емитува повеќе од 300 најразлични мириси, од кои некои се привлечни, а некои одбивни за комарците. Хемискиот состав на кожата, заедно со крвната група и брзината на метаболизмот може да одредат дали комарците ве гледаат како “ужинка” или не.

Побрзиот метаболизам значи дека телото произведува многу повеќе јаглерод диоксид, кој ги привлекува комарците. Истражувањата на американското здружение за контрола на комарци покажале дека пиењето на само едно пиво ја прави личноста попривлечна за комарците, што пред сѐ се должи на зголеменото производство на јаглерод диоксид. Истото се однесува и за сите други алкохоли, како и премногу лута и зачинета храна, која го забрзува метаболизмот. Од истите причини комарците повеќе ги претпочитаат крупните луѓе и бремените жени.

Неистечна вода

Неистечната вода е совршено место за размножување на комарците. Ослободете се од сите садови за чување вода во дворот или на терасата. Циклусот за размножување на комарците вообичаено трае 14 дена.

Користете мрежи против комарци секогаш и секаде каде што е можно.

SPF заштита при сончање и препарати против комарци

Битен е редоследот на апликација, односно што прво ќе нанесете на кожата. Ставовите околу ова прашање се контроверзни, но Меѓународното Здружение за Медицинска Помош на Патници (IAMAT) препорачува нанесување препарат за заштита при сончање 20 минути ПРЕД користење на препарат против комарци, бидејќи вториов ја намалува заштитата од сонце. Проверете дали декларацијата на производот гарантира до 2 часа потполна заштита.

Облека и период од денот

Повеќето комарци кои предизвикуваат проблеми кај нас се воглавном активни наутро и навечер, посебно навечер. Се препорачува лесна, густо исткаена и широка облека со светли бои, во случајот на комарци кои касаат наутро и навечер. За комарците кои касаат преку ден, верувале или не, препорака е да се носат потемни бои на облеката.

Современата синтетска облека за спортување направена од полиестер, најлон и рејон е поефикасна за заштита од комарци отколку природниот памук и лен.

Перметрин е инсектицид кој ги убива или зашеметува бубачките. Се добива од хризантеми, и се нанесува на облеката извесно време пред да се облече, но никако не и на кожата!

Што да посадите во саксиите

Босилек, нане, невен, лаванда, цитронела и мачешка трева се растенија кои комарците не можат да ги поднесат, додека останатите од типот на маточина, најдобро е да се толчат и нанесуваат на кожата како природна заштита.

Воздушни струења

Комарците не се извонредни летачи и не можат да се снајдат кога има струење на воздухот, па затоа не може да ги забележите во тек на ветровити денови. Поставувањето вентилатори на клучни места може да помогне да се избркаат комарците.

Навои што горат

Иако не се најуспешни во бркањето инсекти, сепак можат да помогнат во случај на мали површини, како што се тераси или веранди. Навоите може да горат и до 7 часа и испуштаат чад кој содржи pyrethroid, што делува како препарат против комарци.

Преносливи апарати против комарци

Ова лесно, мало и многу практично апаратче овозможува заштита во радиус од 4.5 метри каде и да одите.

Други апарати

Електричните препарати против комарци најчесто користат metofluthrin или allethrin и може да бидат ефикасни во ослободување од комарци во помали затворени простории.

Фармаколошки препарати

DEET (N,N-diethyl-meta-toluamide) е првиот избор за превенција против убоди од комарци. DEET е стар препарат со добро проучена безбедност и ефикасност. За прв пат е употребен од страна на армијата во 40-тите години од минатиот век, а во цивилна употребува влегува почнувајќи од 50-тите. Механизмот на дејство му е преку пореметување на чувството за мирис кај комарците, со што им го “блокира радарот” додека се обидуваат да ја најдат целта. Интензивното тестирање и споредба со преку 20.000 останати состојки докажало дека DEET е најдобар во поглед како на времетраење на заштита, така и на видот инсекти од кои заштитува. Покрај комарци, ефикасен е и против болви, крлежи и грини.

Вообичаената концентрација на DEET во комерцијалните препарати како што се гелови, лосиони или спрејови оптимално не би требало да биде помала од 35%, што дава пристојна заштита во тек на неколку часа и ја намалува веројатноста за иритација на кожата како несакан ефект. Колку е повисока концентрацијата на DEET, толку е подолг заштитниот ефект. 12.5% DEET дава заштита до 6 часа, додека 25% до 8 часа (само 2 часа подолго).

За споредба, 10% citronella дава 84% заштита во тек на 4 минути, додека 14% DEET раствор дава 96%. Општо кажано, citronella треба да се нанесува почесто за да обезбеди пристојна заштита. Од друга страна, свеќите и миризливите стапчиња со citronella се покажале како многу добри за бркање на комарци од дворови, веранди, тераси и соби. Истражувањата покажуваат 42% намален број убоди со свеќа во споредба со без неа.

Внимавајте, американската академија за педијатрија советува употреба на концентрација од само 10% DEET кај деца помали од 12 години. Кога се употребува DEET заедно со препарат за заштита од сонце, првин треба да се нанесе DEET и да се почека 10 минути додека да се исуши, па дури потоа да се нанесе заштитната крема. Ефикасноста на препаратот за заштита при сончање на ваков начин се намалува и поради тоа треба да се нанесува почесто со цел да се избегнат изгореници од сонце.

Препаратите кои содржат DEET не треба да се прскаат по целата површина на кожата, туку само на места како што глуждовите, лактите, рачните зглобови, челото и секаде каде што кожата е тенка и каде што комарците вообичаено касаат.

Комбинацијата на 35% DEET спреј за кожа со соодветна облека третирана со перметрин се чини дека е најефикасниот метод. Лицата кои ја користат оваа комбинација имаат 99.9% заштита во тек на 8 часа. За споредба, лица кои не се вака заштитени би добиле во просек 1,188 убоди од комарци на час!

Што се однесува до препаратите за кожа кои содржат средства против комарци, препораката за спрејови, лосиони и други течности е да содржат 25-30% DEET и/или најмалку 15% picaridin (KBR 3023 или icaridin, добиен од црн пипер). Напомена: на лосионот му е потребно малку повеќе време да подејствува во споредба со спрејот.

Некои други релативно безбедни состојки што може да ги сретнете во препарати против комарци:

  • IR3535
  • Oil of lemon eucalyptus (OLE)
  • Para-menthane-diol (PMD)
  • 2-undecanone

Совети за бебиња и мали деца

  • Облечете го детето во облека што ги покрива рачињата и ноџињата;
  • Покријте ја количката со мрежа против комарци;
  • Консултирајте се со Вашиот педијатар и следете ги упатствата од декларацијата на производот против комарци;
  • Не користете препарати кои содржат масло од лимон еукалиптус (OLE) или пара-метан-диол (PMD) кај деца помали од 3 години;
  • Не го нанесувајте препаратот против комарци во близина на детските раце, очи, уста, исеченици или претходно иритирана кожа;
  • Напрскајте го препаратот против комарци на сопствените дланки, а потоа со нив намачкајте го детското лице.

Со почит,

тимот на лекари од Поликлиника Манолеви