Воспалението на мукозната мембрана од желудникот може да биде предизвикано од различни фактори, а еден од најчестите е инфекција со Helicobacter pylori (H. pylori). Оваа инфекција е широко распространета во различни делови од светот, но е особено присутна во земјите со низок социо-економски статус, каде што преовладуваат лоши хигиенски услови, недостаток на хигиенски навики од рана возраст, несоодветни санитарни услови и лошо образование.
Препознавањето симптоми на гастритис е од клучно значење. Пациентите со акутен или хроничен гастритис често доживуваат болка во горниот дел од стомакот, чувство на печење или топлина, често подригнување, гадење, болка после јадење, надуеност и неспецифичен осип по телото. Првиот чекор во третманот е да се направи разлика помеѓу акутен и хроничен гастритис. Акутниот гастритис, кој трае до седум дена и е често поврзан со иритирана слузница од храна, лекови, токсини или анемија, може да се реши со препишување антацидна терапија, како што се калциум карбонат или магнезиум карбонат, инхибитори на протонска пумпа (PPIs). или H2 блокатори, како што е фамотидин, кој го контролира лачењето на желудочната киселина.
Доколку симптомите продолжат, следниот чекор е да се утврди дали причината е H. pylori, што може да се направи неинвазивно преку антигени во измет или крв или инвазивно со земање примерок од гастричната слузница преку гастроскопија. Доколку се потврди инфекцијата, потребна е антибиотска терапија за лекување на симптоматската инфекција.
Достапни се неколку опции за третман, вклучувајќи тројна антибиотска терапија, која вклучува амоксицилин, кларитромицин и PPI за седум до 14 дена. Алтернативно, вториот троен модалитет на антибиотска терапија вклучува левофлоксацин, амоксицилин и PPI за 10 до 14 дена. Квадруплата терапија, која вклучува PPI, бизмут, тетрациклин и метронидазол или PPI, Бизмут, Амоксицилин и Кларитромицин , од седум до 14 дена, е исто така опција.
Пациентите алергични на пеницилин може да комбинираат тројна антибиотска терапија со метронидазол, кларитромицин и PPI или да го заменат амоксицилинот со тетрациклин во ретки случаи.
Неопходно е да се третира инфекцијата со H. pylori бидејќи може да предизвика чир на желудникот, чирови со крварење, метаплазија или промени на мукозните мембрани, рак на желудникот, лимфом поврзан со слузокожата (МАЛТ) и гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ). Затоа, препознавањето на симптомите и навременото барање лекарска помош е од клучно значење за да се спречат потенцијалните компликации.